Европската Унија е должна да преземе решителни акции против Сједињените Држави ако преговорите за царините не успеат да ја смалат ескалацијата на глобалната трговска конфронтација, изјави денеска германскиот министер за финансии, Ларс Клингбајл.
„Во случај да не успееме да постигнеме правично решение преку преговори, мораме да преземеме контрамерки за заштита на работните места и бизнисите во Европа“, истакна Клингбајл во изјава за германскиот весник „Цдојче Цајтунг“.
Тој нагласи дека Европската Унија продолжува да биде подготвена за дијалог, но не планира да прифати сè, пренесуваат британските медиуми.
Според германскиот министер, царинската стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп ќе резултира со значителни загуби и повика на деескалација на конфликтот, кој, како што нагласи, ја загрозува американската економија истовремено како и европските компании.
„Никому не му е потребно дополнително зголемување на тензиите или провокации. Потребни се сериозни преговори со јасни цели помеѓу ЕУ и САД. Европа останува обединета и решителна: сакаме фер спогодба“, истакна Клингбајл.
Германија, како најголема економија во Европа, е голем извозник во САД, особено на возила и автоделови, машини, како и фармацевтски производи. Во 2024 година, вредноста на стоката што Германија ја извела во САД изнесуваше 161 милијарда евра, а остварила еден од највисоките трговски суфицити, од речиси 70 милијарди евра, според податоците на германската влада.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека, почнувајќи од 1 август, ќе воведе царина од 30 проценти на увозот од Мексико и Европската Унија, откако неколку недели на преговори со клучните трговски партнери не доведоа до конкретен трговски договор.




