ЕУ: Нема да мируваме до денот на победа на Украина

Земјите-членки на ЕУ денеска издадоа заедничка изјава по повод годишнината од инвазијата врз Украина во која се вели дека Европската унија ќе продолжи да ја поддржува Украина политички, економски, хуманитарно, финансиски и воено, вклучително и со брзи координирани набавки од европската индустрија.

„Ние ќе ја поддржиме и обновата на Украина, за која ќе бараме да ги користиме замрзнатите руски средства во согласност со ЕУ и меѓународното право. Дополнително ќе го зголемиме колективниот притисок врз Русија да стави крај на нејзината агресивна војна. За таа цел, ќе го усвоиме десеттиот пакет санкции и ќе преземеме чекори против оние кои се обидуваат да ги заобиколат мерките на ЕУ“, се вели во соопштението и се додава дека ЕУ ја поддржува „мировната формула на претседателот Зеленски“.

Во соопштението се нагласува дека „украинскиот народ покажа неверојатна сила во одбраната на својата татковина и основните принципи на меѓународното право против руската агресија. Тие покажаа решителност во одбраната на демократијата и слободата, издржливост пред тешкотиите и достоинство кога беа соочени со руските злосторства“.

Земјите-членки сметаат дека „Руската агресивна војна и нејзините последици значително се одразиле врз многу земји, особено на глобалната економија, на цените на храната и на стоките“.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

„Европската унија и нејзините партнери дејствуваа брзо и обединето. И ние ќе продолжиме да стоиме цврсто и во целосна солидарност со Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно. Сите Украинци заслужуваат да живеат во мир и слободно да ја изберат својата судбина. Украина е дел од нашето европско семејство. Украинците ја изразија својата желба за иднина во Европската унија и ние го признавме тоа со тоа што ѝ доделивме на Украина статус на земја кандидат. Изборот на народот на Украина е избор на мир, демократија, владеење на правото, почитување на основните права и просперитет“, се вели во изјавата.

Земјите-членки подвлекуваат дека ќе работат со меѓународните партнери за „Украина да победи, да се почитува меѓународното право, да се обноват мирот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници, Украина да биде повторно изградена и правдата да биде задоволена“.

„До тој ден, нема да мируваме“, заклучуваат во заедничката изјава земјите-членки на ЕУ.

Инаку, Европската унија денеска не успеа да се договори за десеттиот пакет санкции против Русија. Пакетот требаше да биде усвоен утре на годишнината од инвазијата врз Украина.

МИА

- Реклама -