ЕУ првпат во историјата ќе финансира испраќање оружје (во Украина), ниедна земја членка не ја попречи одлуката

Брисел, 27 февруари 2022 (МИА) – Шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, ги соопшти деталите од одлуката за испраќање оружје во Украина за помош против руската агресија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министрите за надворешни работи на ЕУ вечерва се согласија за прв пат во историјата да се даде можност преку Европскиот фонд за мир да се финансира и испраќа смртоносно оружје во трета земја.

Предлогот го поднесе Борел утрово и бил усвоен вечерва, не со целосна согласност, но без попречување од ниту една земја членка. Иако нема детали за гласањето, се претпоставува дека воено неутралните земји се тие кои не опструирале, бидејќи им се остава можност да испраќаат несмртоносна воена опрема во Украина преку истиот фонд.

Полска ќе биде логистичкиот центар преку кој ќе се испраќа опремата во соседна Украина. Утре министрите за одбрана на ЕУ ќе одржат состанок на кој ќе се финализираат финансиските детали за оваа операција.

Министрите исто така се согласија за забрана на руските авиони.

„Ниеден руски авион нема да може да слета или да полета од европскиот воздушен простор“, изјави Борел вечерва по неформалниот министерски состанок.

Согласност е постигната и за забраната за емитување на руските државни медиуми РТ и Спутник. На прашање како ќе го изведе тоа ЕУ технички, Борел не прецизираше, но увери дека Унијата располага со методи да го стори тоа. Нејасно е дали оваа забрана ќе се применува и на интернет.

Прочитајте и:  Русија предупредува на „катастрофални последици“ по одлуката на Бајден да дозволи напади со ракети длабоко на руска територија

Од санкции одобрено е и исклучувањето на низа руски банки од меѓународниот финансиски систем СВИФТ, што значи дека овие банки нема повеќе да можат да вршат трансакции со голем дел од светот. Санкции ќе има и за Руската централна банка, најави Борел. Овие одлуки мораше да бидат донесени денеска и утре рано наутро да се формализираат пред да отворат берзите, порача ЕУ.

Конечно, Европската Унија ќе продолжи да и помага на Украина со интензивни дипломатски напори за исклучување на Русија од меѓународната сцена.

„Русија ќе биде изолирана од меѓународната заедница“, рече шефот на ЕУ дипломатијата.

Тука спаѓа суспендирањето на правото на глас на Русија во Советот на Европа донесено викендов, додека се водат преговори за исклучување или суспензија во организации како Европската банка за развој и реконструкција, и Советот за човекови права меѓу другото. Што е најзначајно, Русија беше изолирана и за резолуцијата за осуда на инвазијата во Советот за безбедност на ОН, каде Кина се воздржа. Следниот чекор е в среда на Генералното Собрание на Обединетите Нации.

- Реклама -