ЕУ воведува правила за намалување на разликата меѓу платите на мажите и жените

Земјите-членки на ЕУ одобрија нови правила за намалување на нееднаквоста во платите меѓу мажите и жените во Европската унија, јави ДПА.

Регулативата за транспарентност на платите ќе помогне да се „намали родовиот јаз во платите“ и за борба против дискриминацијата во платите, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.

Жените во ЕУ моментално заработуваат во просек за 13 отсто помалку од мажите.

Законот содржи обврзувачки мерки кои ги принудуваат компаниите со повеќе од 250 вработени годишно да поднесуваат извештаи до националните власти за разликата во платите меѓу мажите и жените.

Доколку разликата во платите е поголема од пет проценти и не може да се оправда со објективни критериуми, компаниите ќе мора да дејствуваат за намалување на разликата во платите во соработка со претставниците на вработените.

Прочитајте и:  Лидерите на ЕУ му ја честитаа изборната победа на Трамп

Други мерки ги принудуваат компаниите да објавуваат информации за плата при огласување за работа, додека е забрането да се прашуваат кандидатите за нивните претходни плати.

При вработување, вработените ќе имаат право да побараат и од работодавачите информации за висината на просечната плата по пол за вработените кои вршат иста работа или работа со иста вредност.

Вработените треба да имаат пристап и до објективни критериуми за одредување плата и унапредување.

Во случаите на дискриминација на платата врз основа на пол, товарот на докажување се префрла на работодавачот.

Земјите-членки мора да ги имплементираат одредбите усвоени на ниво на ЕУ во нивното национално законодавство во рок од три години.

МИА

- Реклама -