ЕУ за нуклеарното оружје што Москва ќе го распореди во Белорусија: „Ова не е чекор кон деескалација“

Договорот меѓу Москва и Минск за распоредување на нестратешко нуклеарно оружје во Белорусија не придонесува за деескалација на ситуацијата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Петер Стано.

„Се разбира, ова не е чекор кон деескалација, ова не е чекор кон намалување на тензиите. Ова е чекор што само ги зголемува тензиите, што може да се гледа како натамошна ескалација и натамошна провокација во контекст на нелегалната агресија на Русија и Белорусија, која соработува со Москва“, изјави Стано.

Тој додаде дека Европската унија многу внимателно ќе го следи развојот на ситуацијата.

Министрите за одбрана на Белорусија и на Русија, Виктор Хренин и Сергеј Шојгу, денеска во Минск потпишаа документи со кои се дефинира процедурата за складирање на руското нуклеарно оружје во специјално складиште на белоруска територија.

„За време на состанокот беа потпишани документи со кои се дефинира процедурата за складирање на руско нестратешко нуклеарно оружје во посебен капацитет за складирање на територијата на Република Белорусија“, се наведува во соопштението на белоруското Министерство за одбрана.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

За да избегне двосмисленост поврзана со тактичкиот нуклеарен арсенал на Русија во Белорусија, Шојгу појасни дека контролата врз оружјето и одлуката за негово користење остануваат привилегија на Москва.

Шојгу истакна и дека западните земји во суштина почнале необјавена војна против Москва и Минск.

„Денес стоиме заедно против колективниот Запад, кој во суштина води необјавена војна против нашите земји“, наведе Шојгу.

Тој додаде дека во тек е спроведувањето на мерките за зголемување на борбената готовност на обединетите вооружени сили на НАТО во Источна Европа.

„Се распоредуваат дополнителни воени контингенти и се распоредува воена инфраструктура, се интензивираат борбените и извидувачките активности во близина на границите на сојузната држава (наддржавна унија меѓу Русија и Белорусија)“, посочи Шојгу.

МИА

- Реклама -