Euro NCAP ги објави деталите од последните резултати за нивото на безбедноста кај нови шест модели, кои Институтот ги подложи на строги краш- тестови.
Од шестте испитани модели наменети за европскиот пазар, дури пет: Audi A3, Ford B-MAX, Kia Cee’d, Renault Clio и Volvo V40, добија максимална оценка од пет ѕвезди за безбедност што ја нудат за возачот и неговите сопатници, а само Isuzu D-Max се закити со четири.
Новото Volvo V40 ги собори сите рекорди, остварувајќи највреден резултат некогаш запишан во историјата на институтот. Volvo V40 постигна апсолутен рекорд во категоријата „заштита на возрасни патници“, со 98% од вкупните поени. Целта при конструирањето на новото Volvo V40 била да се создаде автомобил кој располага со исто ниво на безбедност како големите автомобили на шведската марка.
Цврстата конструкција и редица безбедносен систем како WHIPS, биле во основата на самиот старт на развојот на новиот модел. Во категоријата „асистенција за безбедност“, новото Volvo V40 собра максимален број – 100 поени! За ваквото врвно вреднување секако свој придонес имаат системи како Pedestrian detection, City Safety и уште многу други сè уште непознати за конкурентните брендови.
Во категоријата „заштита на пешаците“ моделот оствари уште еден рекорд, оставајќи ги далеку зад себе сите други. Тука основата на успехот логично е првото во светот воздушно перниче за пешаци, кое стандардно се нуди во новиот шведски модел. Од EuroNCAP потенцираат дека при краш тестовите во оваа категорија перницата ги штити пешаците од смртоносни удари, а во преден план е заштитата на главата.
Меѓу најинтересните модели, подложени на краш-тестовите на Euro NCAP, несомнено е целосно новиот Ford B-MAX со неговите лизгачки врати. Иако има нестандардно решение на конструкцијата , мултифункционалното возило на синиот овал има импресионирачки показател од 92% за заштита на возрасните патници.
Втората генерација на Kia C`eed има резултат од 89% за безбедноста на патниците, за децата – 88% и системи за безопасност – 86%, што се далеку подобри од оние за првата генерација, а од комисијата беше потенциран системот ESC – Електронски систем за стабилизација кој се нуди сериски во моделите наменети за европскиот пазар.
Во основната опрема на новата генерација се вклучени и 6 воздушни перничиња, ABS, асистенција за поаѓање на нагорнини HAC (Hillstart Assist Control), VSM (Vehicle Stability Management) системот за сеопфатно управување на стабилноста на возилото и ESS (Emergency Stop Signal) систем, која помага спречување на несреќи преку дополнителен светлосен сигнал при нагло сопирање.
Од Euro NCAP посебно ја истакнаа новата генерација на Renault Clio. Renault е лидер бренд кога е безбедноста во прашање, но новиот Clio по многу нешта ги надминува конкурентите кога е во прашање безбедноста, а неговите остварувања се 88% од поените за безбедноста на патниците, 89% за децата, за пешаците 66% и високи 98% за системи кои асистираат при сигурноста.
Објавено во соработка со Авто Плус.