Еве кои семејства ќе добијат максимален поврат на ДДВ од 28.800 денари годишно

Владата ветува максимален годишен поврат на ДДВ од 28.000 денари годишно назад во секое семејство, но со едноставна пресметка станува јасно дека тоа е возможно само за мал број домаќинства – оние составени од четири вработени членови и со најголема куповна моќ.

На пример, под претпоставка дека ќе купувате само производи кои се даночат со 18% ДДВ, за да го добиете максималниот годишен поврат од 28.800 денари (7.200 по лице), ќе треба да потрошите точно 1.066.667 денари за една година, односно по 88.888 денари месечно, пресметува даночниот советник Павле Гацов. Во четиричлено семејство во кое сите членови се вработени, тоа би значело дека за максимален поврат на ДДВ, секој од нив треба да троши по 22.222 денари месечно.

Семејство со две деца, пак, во кое двајцата родители работат и трошат по најмалку 22.222 денари месечно, во таков случај ќе добие максимален годишен поврат на ДДВ од 14.400 денари. Дури и да потрошат многу повеќе, таа сума останува иста (потсетуваме: максимален поврат годишно е 7.200 ден. по лице).

Но внимавајте, пресметките погоре се базираат на претпоставката дека тие суми ќе ги потрошите само на производи кои се даночат со 18% ДДВ, додека во реалноста поголемиот дел од храната, средствата за хигиена и други често купувани производи се даночат со повластена даночна стапка од 5% ДДВ. Тоа значи дека во реалноста, за истите потрошени пари ќе платите помалку ДДВ, па оттаму ќе биде потребно да потрошите уште поголема сума за да го достигнете максималниот поврат на ДДВ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ-то на прехранбените производи

За нешто пореален пример, доколку потрошите 20.000 денари во месецот, од кои 15.000 денари на производи со 18% ДДВ и 5.000 денари на производи со 5% ДДВ, ќе добиете месечен поврат од само 379 денари, односно поврат од 4548 денари годишно. Оттаму, четиричлено семејство во кое секој од членовите троши по 20.000 денари месечно, би добило годишен поврат на ДДВ од 18.192 денари. Семејство со две деца, меѓутоа, во кое двајцата родители се вработени и трошат по 20.000 денари месечно, би добило поврат од 9096 денари.

Но треба да се земе во предвид и дека покрај потрошувачката по продавници, Вие од Вашата плата ќе морате да ги платите и режиските трошоци во Вашиот дом, за кои платениот данок не може да се поврати, потсетува „СкопјеИнфо“.

И анализата на Институтот за економски истражувања Finance think покажува дека најголем ќар од повратот на ДДВ ќе имаат токму најбогатите. „Само најбогатите домаќинства кои годишно трошат 1,2 милиони денари, ќе можат да вратат една просечна плата со новонајавената мерка“, велат оттаму, додавајќи дека максималниот поврат од 28.800 денари ќе го достигнат само 5% најбогати домаќинства. Најсиромашните домаќинства, пак, на годишно ниво ќе можат да вратат само околу 738 денари, посочуваат од Институтот.

Со генералниот заклучок се согласува и Весна Миќиќ Божиновска – главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“. Кој има – тој ќе троши, кој троши – тој и ќе добива, накратко сумира таа.

- Реклама -