Наслов: Ченто поднесе пријава и побара преиспитување на постапката за „27 април“
Осум години се соочуваме со системска неправда, истакна Јане Ченто, кој поднесе кривична пријава против поранешната јавна обвинителка Вилма Рускоска за наводно попречување на правдата и злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Тој вели дека до Јавното обвинителство се доставени материјали поврзани со случајот „27 април“ што, според него, сериозно го доведуваат во прашање начинот на водење на истрагата и текот на судската постапка. Во пријавата се посочува на комуникација меѓу висок функционер и клучен сведок, како и меѓу брат на висок функционер и сведок, на можни договори со обвинител и насоки за тоа како да се сведочи. Еден сведок, со изјава заверена кај нотар, тврди дека неговиот претходен исказ бил невистинит и дека му било ветено олеснување во други постапки доколку сведочи на одреден начин.
Дополнително, според Ченто, изготвено е вештачење на мобилни телефони од овластен судски вештак, кое ја поткрепува нотарски заверената изјава на сведокот.
Ченто го повика Јавното обвинителство темелно да ја разгледа пријавата и приложените докази. Тој нагласи дека не станува збор за политичка изјава, туку за чекор заснован на документи и сериозни сомнежи за сторени кривични дела, и дека очекува институциите да постапат професионално и без одлагање.
Од Јавното обвинителство порачаа дека пријавата ќе биде примена и дека наводите ќе бидат проверени.
Минатата недела Апелациониот суд ја одби жалбата за повторување на постапката за осудените за насилствата при упадот во Собранието на 27 април 2017 година, оценувајќи дека нема основ за ново судење и дека решението на Кривичниот суд е јасно, разбирливо и законито образложено.
Јане Ченто, заедно со уште 15 лица, во 2019 година беше правосилно осуден на 13-годишна затворска казна за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ во предметот „27 април“, кој го судеше судијката Добрила Кацарска, денес судијка во Уставниот суд. Дел од обвинетите во истиот случај беа амнестирани со закон донесен кон крајот на 2018 година.



