ЗНАМ со прашања до Венко Филипче за фирма во Петрич
Портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, на денешна прес-конференција соопшти дека, според податоци од бугарскиот трговски регистар, лидерот на СДСМ Венко Филипче е наведен како „едноличен сопственик на капиталот“ и „управител“ на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД во Петрич.
Мемов посочи дека ЗНАМ во изминатиот период со факти ја отворило дилемата за можната поврзаност меѓу бизнис-интересите на дел од раководството на СДСМ во Бугарија и нивните политики кон соседната држава. Наместо конкретни одговори, како што рече, добиле релативизирање и молк.
Според документите на кои се повика, седиштето на „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД е во Петрич, на булевар/улица Гоце Делчев бр. 12. На истата адреса, додаде тој, е регистрирана и компанијата „ГОМАСИДРА“ ЕООД, во сопственост на Вице Заев. Ова, според Мемов, упатува на испреплетена бизнис-мрежа на високи структури на СДСМ во Бугарија.
Тој го повика Филипче јавно да одговори пред граѓаните, чиј суверенитет, согласно Член 2 од Уставот, е извор на власта: дали е точен наводот дека е сопственик на „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД во Петрич; со каква дејност се занимава компанијата и каков капитал и имот поседува таму; и дали евентуалните бизнис-интереси, за кои тврди дека ги дели со семејството Заеви, се причина за неговото инсистирање на уставни измени „под бугарски диктат“. Мемов побара и разјаснување дали, кога Филипче ги застапува ставовите за уставните измени и односите со Бугарија, се води од обврската согласно Член 49 од Уставот или, пак, неговите позиции се условени од грижа за личниот имот и капитал во Петрич.
Според Мемов, јавноста очекува Филипче да се соочи со прашањата и да каже дали неговите политички ставови произлегуваат од лични убедувања или се диктирани од деловни релации со Бугарија. „Македонија не смее да биде заложник на ничии лични или бизнис-интереси“, порача тој.




