Нови шлемови и теренски чизми за Армијата: модернизацијата продолжува
Македонската Армија денес доби нова опрема за лична балистичка заштита и теренско движење, како дел од континуираниот процес на опремување.
Од Армијата соопштуваат дека новите шлемови обезбедуваат високо ниво на балистичка заштита и се компатибилни со дополнителна опрема за работа во ноќни услови. Чизмите, изработени според највисоки стандарди, нудат издржливост, заштита и удобност при извршување задачи на различни терени и во разни климатски услови.
Преку Министерството за одбрана се водат повеќе постапки за набавка на опрема и муниција за Армијата, со што се реализираат сериозни инвестиции во воената опрема и вооружувањето на АРМ.
Министерот Владо Мисајловски неодамна најави дека и во наредните десет години ќе се издвојуваат значителни средства за одбраната.
Покрај тековните набавки, се спроведуваат и меѓудржавни договори за вооружување: пред помалку од еден месец пристигнаа првите лесни оклопни возила „Страјкер“ од Соединетите Американски Држави; преку договорот со Франција се очекува пристигнување на системите „Мистрал“; хаубиците веќе се испорачани, а најавено е и пристигнување на првиот хеликоптер „Леонардо“ од Италија.




