Два децении по новиот почеток: „Рудник Саса“ со поддршка за заедницата
Со низа конкретни активности и донации во корист на локалната заедница, „Рудник Саса“ денес, 12 јуни 2026, одбележува значаен јубилеј – 20 години од повторното пуштање во работа. Овие дела се уште една потврда на долгорочната посветеност кон развојот, благосостојбата и просперитетот на средината и државата каде што рудникот работи.
По повод годишнината, во паркот „Младост“ во Македонска Каменица ќе бидат засадени 20 нови дрвја – во истото зелено катче што претходно беше уредено со помош на рудникот. За Територијалната противпожарна единица е дониран дрон, заедно со обука за негово користење, со што ќе се овозможи побрзо и поефикасно рано откривање на шумски пожари и пожари на тешко пристапни места.
Дополнително, обезбедени се:
– комплети дресови и шорцеви за сите младински категории на трите локални спортски клубови,
– нови изданија книги за локалната библиотека,
– метални рафтови за Дневниот центар за лица со попреченост,
– шкафови за потребите на КУД „Вера Јоциќ“,
– компјутери за средното училиште во Македонска Каменица.
Договорени се и донации за градинката и основното училиште, согласно претходно утврдените потреби.
„Јубилејот е прилика да им се заблагодариме на луѓето и на заедницата кои со нас ги минуваа и предизвиците и успесите. Нашата посветеност на безбедно, одговорно и одржливо работење останува цврста – во интерес на вработените, нивните семејства и целата заедница“, порача генералниот директор Џејмс Караматич.
Годишнината носи и силна симболика. По затворањето на рудникот во 2003 година, Македонска Каменица и околината поминаа низ три тешки години, со неизвесност и загубени работни места. Рестартирањето на 12 јуни 2006 година означи пресврт и почеток на нов период на надеж и развој.
Во годините потоа, особено по приклучувањето на меѓународната рударска групација Central Asia Metals (CAML) во 2017 година, „Рудник Саса“ помина низ сериозна трансформација и модернизација. Инвестирани се над 100 милиони американски долари во современа опрема, нови технологии, развој на рудникот, безбедност, заштита на животната средина и професионален раст на вработените. Како дел од тие вложувања, реализирани се и капитални проекти што денес го вбројуваат Саса меѓу најсовремените рудници во регионот.
Паралелно, во последните години се издвоени значајни средства за поддршка на луѓето и развојот на локалната заедница – преку Фондацијата на рудникот и бројни општествено одговорни иницијативи во образованието, здравството, социјалната заштита, спортот, културата, животната средина, претприемништвото и локалниот економски развој.
Оваа година носи уште една пресвртница: покрај 20 години од рестартирањето, во ноември ќе се одбележат и 60 години од официјалниот почеток на работењето. Во текот на шесте децении, Саса има важна улога во економскиот и општествениот развој на Македонска Каменица, источниот регион и целата држава, а денес функционира во согласност со највисоките меѓународни стандарди за безбедност, одговорност и одржливост.




