Европа пред нов топлотен бран. Следната недела повторно се очекуваат температури кои ќе надминат 40°C. Со такви температура Европа се бореше и минатиот месец, кога бранот го зафати речиси целиот континент, а кулминираше со низа пожари во Шпанија, Франција и Германија.
Овојпат меѓу најпогодените се предвидува дека ќе биде Велика Британија, а метеоролозите предупредуваат на опасни временски услови.
Највисоките температури во Европа сепак ќе бидат забележани во јужна Франција, каде ќе надминуваат 40 Целзиусови степени. Вториот интензивен топлотен бран доаѓа токму во екот на летните одмори во Шпанија, Франција и Португалија.
По рекордно топлиот јуни, новите најавени горештини дополнително ги зголемуваат стравувањата дека Европа би можела да падне во уште поголема сушна криза.
„Следната недела претстои уште еден бран екстремна европска топлина“, пишува WX Charts.
Прогнозата доаѓа само неколку недели откако Франција ја забележа највисоката температура (45.9°C) во областа Gallargues-le-Montueux. Термометрите во Германија, Франција, Полска и Чешка исто така беа во горните граници во јуни.
Според најавите на Светската метеоролошка организација, 2019 година ќе биде меѓу најжешките на сите времиња. Периодот од 2015-та до 2019-та, пак, ќе биде најтоплиот измерен период.