Нема притисок врз Скопје без јасни гаранции од Софија
Едвард Џозеф оцени дека би било уште една грешка Европската унија да врши притисок врз Скопје да спроведе договор без сигурни гаранции дека Софија ќе го почитува неговиот дух и дека нема повторно да поставува нови идентитетски услови.
Тој посочи дека во рамките на институционалните механизми на Европската унија постојат и други начини за надминување вакви ситуации, доколку има политичка волја.
Според Џозеф, можно е Бугарија да се воздржи од учество во одлучувањето, слично на чекорот што го направи Унгарија кога се решаваше за Украина.
На истата дискусија, министерот Тимчо Муцунски нагласи дека, според 26 земји членки и институциите на Унијата, Македонија има две клучни обврски за отворање на пристапните преговори: уставни измени и исполнување на таканаречените отворачки критериуми. Истовремено укажа дека една земја членка инсистира на дополнителен пакет билатерални барања што допираат до националната историја и други области кои, како што рече, не се дел од европското право и критериумите за членство.



