„’Европскиот фронт’ го има истиот број на пратеници во Собранието, за други прашања или дилеми ќе се обратите до г. Тачи или до г. Ахмети“, изјави денеска координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети, одговарајќи на новинарско прашање
Од „Европскиот фронт“, предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ), денеска одбегнуваат да ја коментираат информацијата што вчера ја објавија дел од медиумите дека лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, ја напушта коалицијата.
Прашан за коментар во врска со информациите за излегувањето на Тачи, координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“ во Собранието, Белирим Беџети, кусо одговори дека го имаат истиот број на пратеници во парламентот.
„’Европскиот фронт’ го има истиот број на пратеници во Собранието, за други прашања или дилеми ќе се обратите до г. Тачи или до г. Ахмети“,
рече Беџети.
Идентичен и кус одговор на истата тема во изјава за државната новинска агенција МИА, дал и портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, кој рекол дека пратеничката група е функционална и работи во полн состав.
Прашан зошто Тачи не беше присутен на настанот на коалицијата пред два дена по повод 100 дена од новата влада, насловен „100 дена скандали, потфрлања, омалуважувања“ и дали во изминатиот период имало некакви недоразбирања меѓу Тачи и некој од лидерите на партиите кои го сочинуваат „Европскиот фронт“, Беџети изјави дека и претходно се случувало некој од претседателите на партиите да отсуствува од активности на „Фронтот“.
„И на други активности отсуствувал некој од претседателите на политичките партии што го сочинуваат ‘Европскиот фронт’. Со ова сакам да кажам и да ве уверувам дека тоа е нормално секој ден со своите обврски, протоколарни средби итн. може да отсуствува на некоја од средбите и тоа никогаш не било тема“,
рече Беџети на прес-конференција во Собранието.
Од ДПА, во меѓувреме, за МИА изјавиле дека во текот на наредните денови ќе излезат со официјално соопштение.
Претходно денеска во изјава за медиумите, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање од редовите на коалицијата „Вреди“, Изет Меџити рече дека партиите од „Европскиот фронт“ не се споиле идеолошки или за поголеми цели, туку за да опстанат на политичката сцена.
Меџити рече оти нема информација дека се преговара со Тачи за негово преминување во владејачката „Вреди“.
На прашање дали планираат да преговараат со пратеници од коалицијата предводена од ДУИ за премин на нивна страна, Меџити кусо одговори:
„Мислам дека во наредниот период ќе има повеќе информации за тоа.“
За потсетување, вчера порталот „Тетова сот“ и ТВ Телма, повикувајќи се на партиски извори објавија дека лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи ја напуштил коалицијата „Европски фронт“ и дека ќе има комуникација само со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.