Европскиот парламент ја прогласи Русија за држава спонзор на тероризмот, предлага и силни рестриктивни мерки

Европскиот Парламент денеска усвои Резолуција со која ја прогласува Русија за држава „спонзор на тероризмот“, поради војната против Украина и уништувањето на цивилната инфраструктура на земјата.

Европратениците во усвоениот документ посочуваат дека намерните напади и злосторства извршени од руските сили и нивните агенти врз цивилите во Украина, уништувањето на цивилната инфраструктура и другите сериозни прекршувања на меѓународното и хуманитарното право, претставуваат терористички акт и воено злосторство. Во тој контекст, Русија се смета за држава која го спонзорира тероризмот и држава што „користи средства за тероризам“, објави Европскиот Парламент.

Во Резолуцијата се истакнува дека Русија е одговорна за убиствата на многу цивили во Украина и во другите војни во кои учествувала, како оние во Чеченија и Сирија, како и за убиства на политичките противници во земјата и во странство.

Со оглед на тоа што ЕУ во моментов не може официјално да прогласува држави за спонзори на тероризмот, Собранието бара да се донесе соодветна правна рамка. Тоа истовремено предлага Советот да ја разгледа можноста за додавање на Русија на таквата листа на ЕУ на држави кои го спонзорираат тероризмот. Тоа би предизвикало силни рестриктивни мерки против Москва и би имало значителни рестриктивни последици за односите на ЕУ со Русија.

Во меѓувреме, пратениците го повикуваат Советот да ги вклучи руската група „Вагнер“ и 141-та специјална моторизирана единица, позната како „Кадирови“, како и други вооружени групи, паравоени единици и посредници финансирани од Русија – на терористичката листа на ЕУ.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Парламентот бара Европската унија дополнително да ја изолира Русија на меѓународен план, што се однесува и на нејзиното членство во меѓународните организации и тела како што е Советот за безбедност на Обединетите нации.

Претставниците бараат и намалување на дипломатските односи со Русија и минимизирање на контактите на ЕУ со нејзините официјални претставници. Tие посочуваат дека земјите-членки на ЕУ треба да ги затворат и забранат институциите поврзани со руската држава кои ја промовираат пропагандата на официјална Москва низ светот.

Резолуцијата ги повикува земјите-членки на ЕУ во Советот да ја земат предвид ескалацијата на терористичките акти од страна на Русија против украинските цивили и брзо да ја завршат работата по однос деветтиот пакет санкции против Москва. Пратениците, исто така, бараат од членките на ЕУ активно да го спречат, истражуваат и гонат секое заобиколување на сегашните санкции и заедно со Комисијата да ги разгледаат можните мерки против земјите кои се обидуваат да и помогнат на Русија да ги избегне наметнатите рестриктивни мерки.

Резолуцијата на известувачот – литванскиот државјанин Андриус ​​Кубилиус, беше прифатена со 494 гласови „за“, 58 „против“ и 44 воздржани.

Претходно парламентите на Литванија, Летонија, Естонија, Полска и Долниот дом на чешкиот Парламент во резолуции ја прогласија Русија за држава спонзор на тероризам.

Извор: МИА

- Реклама -