Евростат: Албанија четврта во Европа според намалување на бројот на населението

Тирана, 12 јули 2022 (МИА) – Албанија бележи голем пад на населението во изминатите 30 години. Бугарија, Романија, Хрватска и Албанија се четирите земји кои бележат најголемо намалување на населението во проценти во однос на почетокот на 90-тите години, јави Ора њуз, повикувајќи се на податоците на Евростат.

Во извештајот на Евростат за движењето на населението во Европа од 1960 годна, од кога ги објавува овие податоци, се наведува дека во 2022 година, населението на Албанија се намалило на 2,79 милиони жители, што е најниско ниво од 1982 година. Во споредба со раните 90-ти, населението се намалило за околу 15 отсто.

Во 1991 година Албанија имала 3,3 милиони жители. Потоа, започна падот на бројот на населението, под влијание, прво, на високата имиграција, а потоа на постепеното стареење на населението, под влијание и на имиграцијата и на бројот на раѓања.

Во 2020-2021 година, врз падот на населението исто така влијаат и последиците од Ковид-19, што значително ја зголеми смртноста во земјата.

„Европскиот рекорд за намалување на населението од почетокот на 1990-тите го држи Бугарија со 21,1 отсто а потоа следат Хрватска со 18,9 и Романија со 17,9 отсто. Населението на Србија во однос на 1995 година (кога се одвои од Црна Гора) е намалено за речиси 11 отсто, на Црна Гора за 2,4 отсто, додека Северна Македонија резултира со благо намалување за помалку од 3 отсто“, наведува телевизијата.

Се намалува и населението на Косово, за 10,2 отсто, во споредба со 2003 година, кога за првпат беа објавени податоците за него.

- Реклама -