Фејсбук ја откри неговата тајна „Зграда 8“, каде што работи на разни технологии на комуникација, ама и читање мисли.
Освен на мозок-компјутер интерфејсот, компанијата работи и на разни други тајни проекти кои користат технологија на начини кои никогаш не сме ги ни замислиле. Меѓу нив и специјален начин на чувствување на допир, како и реврзување (re-wiring) на мозокот.
Дел од плановите на својот таен оддел, Фејсбук презентираше на конференцијата F8. Досега, работата на тој тим беше чувана сосема во тајност, освен кога ќе протечеше некој оглас за работа или други детали.
Фејсбук ја лансираше експериментална „лабораторија“ Building 8 лани, со идеја да се работи на долгорочни проекти кои ќе доведат до хардверски продукти. Одделот е под водство на потпретседателката на одделот за инженерство на Фејсбук -Реџина Дуган, која раководела со слична група и во Гугловиот Alphabet Inc., а претходно била директор и на државната агенција DARPA (Defense Advanced Research Projects Agency при американското Министерство за одбрана). На конференцијата, Дуган рече дека и Building 8 е моделирана според DARPA – која на светот му ги даде интернетот, но и GPS мини-приемниците кои се користат во денешните гаџети за широка потрошувачка.
За било какви хардверски новитети ќе треба да почекаме неколку години, вели Дуган. А кога ќе се појават, ако се покажат успешни, ќе му помогнат на Фејсбук да се разграни и во други полиња и веќе да не зависи главно од рекламирање. Еден пример од проектите на Building 8, како што наведе Дуган, е обидот да се подобри технологијата што им овозможува на луѓето да куцаат зборови со помош на мислите. „Звучи невозможно, но е поблизу отколку што мислите“, истакна таа.
Користејќи мозочни импланти, луѓето веќе можат да „искуцаат“ 8 зборови во минута, потсетува директорката. Целта на Фејсбук и неговата соработка со неколку американски универзитети е да се направи систем кој ќе биде неинвазивен, но доволно брз за луѓето да можат да „искуцаат“ 100 зборови во минута само со помош на мислите. Самото тоа подразбира дека самата технологија ќе (мора да) може да ги чита мислите. Можни примени би биле кај лица со хендикеп, или кога сакате „да му пратите порака на пријател без да го вадите телефонот“, вели Дуган.
Меѓу другите проекти, според директорката, Building 8 работи и на подобрување на способноста за комуникација базирана само на допир („тач“) – идеја што е инспирирана од Брајовата азбука кај слепите лица. На пример, во видеото што беше презентирано на конференцијата се прикажани двајца вработени на Фејсбук, кои разговаат преку „тач“. Едниот – жена е, се вика Френсис – носи електронска направа на раката, додека другиот користи компјутерска програма за да испрати притисочни промени до нејзината рака.
„Ако ја прашате Френсис што чувствува“, објасни Реџина Дуган, „ќе ви одговори дека научила да ја чувствува акустичната форма на одреден збор на нејзината рака“.
Во декември, Фејсбук потпиша договор за поблиска соработка со 17 универзитети, меѓу кои и Харвард и Принстон. Договорот за соработка се однесува токму на тимот/одделот на Реџина Дуган.
Така што, да, сигурно е: Фејсбук работи на технологија на читање мисли. Ако ја држиме Дуган за збор, сигурно е и дека технологијата ќе биде готова многу наскоро. Не е сигурно само како ќе биде користена и која е вистинската цел зад истата: Корисниците да добијат практично телепатска способност, или непречен пристап до нивниот мозок? Вие на што типувате?