Фенербахче го брка Бо Меккејлеб

Челниците на турскиот гигант Фенербахче уште еднаш потврдија дека се многу сериозни во својата намера да го ангажираат Лестер Бо Меккејлеб, иако се свесни дека тоа нема воопшто да биде лесно.

Генералниот менаџер на турскиот клуб, Кемал Динчер, потврди дека приоритет за македонскиот репрезентативец ќе бидат понудите од заинтересираните тимови од НБА лигата, а доколку не е задоволен од тие услови, ќе почне да размислува за останување во Европа.

Ангажманот на Меккејлеб е желба на новиот тренер на Фенербахче, Симоне Пјаниџани, кој имаше извонредна соработка со Бо додека седеше на клупата на Монтепаски Сиена.

„Уште при преговорите со Пјаниџани, тој децидно побара од нас да сториме сè што можеме за да ги доведеме Меккејлеб и Андерсен во Истанбул. Морам да кажам дека ситуацијата со Меккејлеб е многу посложена бидејќи овој кошаркар има добиено и неколку понуди од НБА. Негова желба е прво да ги разгледа тие понуди, за да може да се врати во татковината, а доколку увиди дека може да добие подобри услови во Европа, тогаш дефинитивно ќе дадеме сè од себе  за да го доведеме во Фенербахче. Трансферот на Бо е приоритет за нас ова лето, но пресудна сепак ќе биде неговата одлука дали ќе остане во Европа, или ќе се врати во САД за да заигра во НБА“ изјави Динчер.

- Реклама -