На средбата вицепремиерот Фетаи го информира европратеникот Вајц за активностите на Владата за спроведување на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, а ја нагласи и важноста за изградба на Коридорот 8 како безбедносен проект
Нема дилеми дека земјите од Западен Балкан треба да станат членки на Европската Унија. Ова вчера го порача европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, на средбата во Брисел со вицепремиерот за добро владеење и транспарентност на С Македонија, Арбен Фетаи.
Како што стои во соопштението од кабинетот на Фетаи, известувачот за Северна Македонија, Вајц, посочил дека нашата земја треба да го искористи моментот создаден од руската агресија во Украина и да направи сè што е во нејзина моќ да ги отвори преговорите за брзо членство во ЕУ.
„Европратеникот вети дека ќе направи сè што е во негова моќ и во моќ на Европскиот парламент да ја оствари оваа заедничка цел“,
се вели во соопштението од кабинетот на Фетаи.
На средбата вицепремиерот Фетаи го информира европратеникот Ваjц за активностите на Владата за спроведување на реформската агенда, особено во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата, а ја нагласи и важноста за изградба на Коридорот 8 како безбедносен проект.
Вицепремиерот посочи дека ќе се заложи за координација на следните активности важни за европската иднина на државата.
Од кабинетот на Фетаи велат дека на средбата е изразена загриженост за руското влијание врз информативниот простор на државата, што, според него, треба да се третира како сериозно прашање за националната безбедност.