„Заев еднаш мислеше дека ја заплашува ЕУ злоупотребувајќи ги шпекулациите за федерализација на Северна Македонија, презентирани од него како резултат на неотворање на преговорите.
Добро ќе биде неговите советници да го информираат премиерот дека федерализација и регионализација се Европски вредности и во никој случај нешто што може да ја исплаши ЕУ“, пишува за порталот „Лајм прес“ Арбен Фетаи – шеф на одделот за евроинтеграција на Алијанса за Албанците.
„Напротив, најнапредните европски земји, како Германија, Франција, Италија, Шпанија, Австрија, Белгија, Финска и Холандија, се федерални или регионализирани земји. Речиси сите од овие, плус Полска, Чешка Република, Словенија и Романија, имаат дводомни парламенти“, додава Фетаи.
Според него, Македонија е најцентрализирана земја во Европа:
„Всушност, антиевропски е екстремниот централизам на Северна Македонија, која останува најцентрализираната земја на континентот. Таков централизам е истовремено и застрашувачки по демократијата и промотер на институционална корупција“, пишува Фетаи.
Како што се наведува во кратката биографија на веб-страната на Алијанса за Албанците, Фетаи е роден во Куманово, но од 1989 година живеел во Белгија, „откако неговиот татко, како многу други албански учители во Куманово, бил отпуштен и гонет од комунистичкиот режим по протестите за забраната на албанскиот јазик во јавната администрација и образованието во 1988 година“. Пред да се приклучи на партијата, тој бил на чело на белгискиот огранок и директор на Генералниот совет на косовското Движење „Самоопределување“. Завршил политички науки и специјализирал на Европски студии на Слободниот универзитет во Брисел и Институтот за европски студии во Брисел. Во моментов е постар советник за европска политика во меѓународна фондација базирана во Брисел и има 15-годишно искуство со меѓународни агенции како ЕУ, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), разни консултациски услуги во полето на евроинтеграциите и развојните програми, како и 5 години во премиерскиот кабинет и Собранието на Република Косово.