На средината на минатиот век, пред точно 60 години, на свет пристигна толку саканото и исто толку омразеното „Фиќо“.
Во 1951-та, управата на Fiaт ја презентираше својата замисла да конструира евтин, удобен и практичен автомобил кој ќе биде достапен токму за работникот кој го произведува на фабричката лента. Само неколку години подоцна, под капата на Данте Џакоза, идејата се преточува во реалност и тоа во форма на првиот Fiat – 600. Производството на домашното „Фиќо“ – базирано врз Fiat 600, започнува на 18 октомври 1955-тата година, само 7 месеци по светската премиера.
Резултатот е автомобил со должина од 3.2 метри и компактен мотор кој подоцна e предводник на цела серија на агрегати, користени во многу од моделите на Fiat и Zastava, и тоа сé до 2010-та година.
Презентиран како одличен план за подобрување на животот на работничката класа по војната, моделот добива инстантна популарност, а наскоро ја преплавува цела Југославија, заедно со половина Европа.
Во текот на производството, Zastava континуирано воведува ситни измени и подобрувања во својот хит автомобил. Во првите неколку години, помеѓу останатото, воведе квалитетен тапацир во кабината, го унапреди начинот на отворањето на прозорците и го промени дизајнот на контакт бравата. Потоа следуваше и разубавување на каросеријата, по што „Фиќо“ конечно го добива изгледот по кој луѓето најчесто го паметат и кој се користеше сé до крајот на производството во 1985-та.
„Националната класа“ на моделот беше произведена во вкупно 923.487 примероци, а некои од нив гордите сопственици ги возат (читај: гураат) и ден-денес.