„Бројот на заразени во Скопје е во континуиран пад, но имаме нови случаи во други градови: во околината на Тетово и Гостивар, во Штип сѐ уште – не многу но сѐ уште, и во Ресен и Битола. Тоа сѐ уште ја одржува бројката на заразени нешто повисока“, рече министерот Венко Филипче при денешната посета на болницата во „Козле“, прашан зошто и покрај најавите од пред околу две недели дека очекува намалување, бројките на заразени сѐ уште се високи.
Филипче истакна дека факторот на преносливост (R0), заклучно вчерашниот ден кога се правени последните анализи, е под 1.
„И многу е битно така да остане. Апсолутно сите случаи се резултат на непочитување на мерките. Мора сите да сфатат дека само така ќе се извлечеме од оваа криза“, рече Филипче, додавајќи дека слична е ситуацијата и во регионот, односно и во соседните земји бројот на случаи е во пораст.
„Така е секаде каде што се попуштаат рестриктивните мерки а не се почитуваат превентивните. Во таа смисла, навистина е многу битно граѓаните да сфатат дека мора да се носат маските и да не се прекршуваат правилата. Само така, за пократко време ќе се спречи трансмисијата на вирусот“, додаде тој.
Пред болницата во Козле, Филипче истакна дека за разлика од минатата недела, во моментов нема зголемување на притисокот врз болниците со пациенти од Ковид-19. Според него, има доволно капацитети:
Модуларната болница е целосно испразнета, а во моментов таму се инсталира систем за довод на кислород. Во болницата во Козле хоспитализирани се 20тина пациенти, а има капацитет од 60тина кревети. На Инфективната клиника и во болницата во Битола има уште по неколку празни кревети, но на предвидени се и други капацитети, а останатите инфективни одделенија низ државата се практично полупразни, рече министерот, потенцирајќи дека секојдневно се следи ситуацијата и се прави организација со распределба на пациенти согласно капацитетите и кадарот.