Филипче го искара владиката Петар за изјавата дека „Ни Свети Филипче нема да ја натера МПЦ да причестува со чисто лажиче!“

„Луѓето што не се во Црквата да не се мешаат во црковните работи, бидејќи нашите верници никогаш не се причестувале од повеќе лажички, па нема ни сега“, порача денеска владиката Петар во изјава за „Плусинфо“, како одговор на тоа што министерот за здравство Венко Филипче, на новинарско прашање, денеска ги осуди инсистирањата на црковните лидери причеста за Велигден да се прави со едно лажиче.

„Луѓето што се неверници и што се против Бога, тие нека си кажуваат што сакаат во јавноста, ама нека не се мешаат во Црквата, како што ние не им се мешаме во државата. Ние сме самостојна црква и сами ги носиме одлуките. Преку причестувањето, верниците ги примаат телото и крвта Христова, а тука не може да се експериментира. Ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви, оти ние се причестуваме по секоја литургија, секоја недела. Уште еднаш ќе повторам, луѓето кои се надвор од црквата да не се мешаат во црковните работи“, порача владиката.

На ова, преку Фејсбук статус, со директно обраќање до владиката, одговори министерот за здравство.

„Неразбирливи се ставовите на Владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници.

Почитуван Владико, како верски авторитет, вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните. Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците, очигледно за вас ништо не значат. Сакам да ве потсетам дека, во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот. Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани, е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред сѐ кон безбедноста на граѓаните. Како што многу пати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелирам граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита“, порача Филипче.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Како што посочува „Плусинфо“, МПЦ е осамена во својот цврст став околу причеста со исто лажиче. Руската православна црква (РПЦ), на пример, посочува порталот, уште од почетокот на пандемијата воведе правило лажичката со којашто се врши причестувањето да се дезинфицира во алкохол по секое причестување. „Плусинфо“ потенцира дека  раководството на РПЦ уште тогаш посочи дека ваквото правило не го воведува на своја рака, туку дека само ја спроведува мерката што била запишана во книгите од времето кога во Русија владеела друга заразна болест.

Освен руската, додава порталот, мерки за заштита спроведува и Српската православна црква (СПЦ). Таму правилото е свештениците да ја истураат причеста директно во устата на верниците, без притоа нивната уста да ја допре лажичката.

Владиката Петар, на ова, одговара дека воопшто не го интересира што прават другите цркви. МПЦ-ОА е самостојна црква која сама ги носи одлуките, „аргументира“ тој.

- Реклама -