Филипче: Најостро го осудувам нападот на докторка во „8 Септември“, тие заслужуваат само поддршка, а не закани!

Министерот Венко Филипче се огласи по повод нападот на докторка во градската општа болница „8 Септември“ од страна на роднини на почината од Ковид-19. Филипче најостро го осуди инцидентот врз медицинските работници, кои со месеци ги немаат прегрнато своите најблиски:

„Вечерва во Градската општа болница ‘8 Септември’, докторка беше нападната од семејство на пациентка која по неколку дена болничко лекување почина од коронавирусот.

Во случајот интервенираше полицијата која приведе неколку члена од семејството на починатата. Тие се обиделе насилно да го земат телото без да го спроведат соодветниот протокол за лица починати од ковид-19.

Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент.

Колегите кои се борат со преку 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани. Цврсто сум уверен дека тие постапиле професионално и согласно протоколите и ги повикувам надлежните да го истражат случајот и да постапат“, напиша министерот на Фејсбук.

- Реклама -