Филипче: Новиот бран веројатно нема да нѐ одмине, ширете ја пораката дека вакцинацијата е единствен начин да ставиме крај на пандемијата

Во моментов имаме највисока стапка на вакцинација во споредба со многу земји во регионот, па дури и во овој дел од Европа, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој, споделувајќи графа во прилог на таквото тврдење, денеска на Фејсбук порача дека вакцинацијата мора да продолжи со исто темпо.

„Ова темпо мора да го задржиме. Имаме одлично поставен систем и капацитети за вакцинација, потребна е само свест и совест кај граѓаните. Нов бран е сѐ поизвесен – тој не одбегна многу европски земји, веројатно нема да нѐ одбегне ни нас. Само од нас зависи дали ќе го пречекаме вакцинирани во што поголем процент, ќе го ублажиме и ќе спасиме човечки животи“, предупреди министерот.

Тој од граѓаните побара максимална одговорност, но исто така и поддршка и вклученост:

„Ширете ја пораката дека вакцинацијата е единствен начин да ставиме крај на пандемијата. Разговарајте и убедете ги оние кои сеуште се двоумат, затоа што веќе е научно докажано и проверено – вакцините функционираат. Тие се безбедни и спречуваат хоспитализација или смрт од Ковид. Вакцинирајте се“, порача Филипче.

Вчера, на трибината „Млади за вакцинација“, тој потсети на пожртвуваниот ангажман на здравствените работници, но и на епидемијата на морбили во државава која беше резултат на антивакциналните кампањи. Но, пред сѐ, Филипче посочи на ланската година и цената што ја плативме поради коронавирусот кога не постоеше вакцина. Тој потенцираше дека пандемијата драстично го смени начинот на живот и дека тоа го забрза напредокот во медицината и ги обедини научниците од целиот свет да работат деноноќно да создадат вакцина, поради што, како резултат, имаме повеќе видови вакцини.

„Зарем има поголем показател за тоа колку вреди вакцината – од она што бевме сведоци и го гледавме минатата година, кога имавме работа со болест за којашто нема вакцина? Сега имаме. Медицинската технологија брзо го сработи својот дел минатата година и сега имаме неколку типови на вакцини. Огромен е процентот на ефикасност. Сега со една силна масовна вакцинација мораме да покажеме и докажеме дека ние како општество сме подготвени, со една таква масовна вакцинација, да го видиме и ефектот и ефективноста од така силно ефикасните вакцини. Затоа апелирам секој од вас да се вакцинира и да ја пушти и промовира идејата и пораката за ефикасноста на вакцината кај сите ваши најблиски, во вашите работни средини, кај вашите пријатели, другарите, кај вашите соседи. Не можеме да постигнеме соодветен степен на колективен имунитет ако ни останат подрачја или групи на граѓани непокриени со вакцини. Затоа се важни младите луѓе – со своите комуникации, со своите интензивни контакти да ја поддржат оваа кампања, да го поддржат здравствениот систем и да не дозволиме повторно да имаме силен бран сега кога го имаме најбитниот инструмент и најефикасниот инструмент во борба со пандемијата, којшто минатата година. Да ја искористиме вакцината, како што тоа го прават сите земји во светот, да си ги вратиме назад своите животи“, порача Филипче.

- Реклама -