Филипче објасни зошто жената од Беровско се вакцинирала во тракторска приколка и зошто случката е за поздравување, а не за осуда

Откако објавата на министерот за здравство Венко Филипче вчера предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, денеска тој реши подетално да објасни зошто неподвижната баба од околината на село Ратево се вакцинирала во тракторска приколка. Добро е јавноста да ја знае позадината на целата случка, смета Филипче.

Како што објасни тој, станува збор за брачен пар кој живее во планинските колиби, односно во место над село Ратево, Беровско. Местото е тешко пристапно, а лицата кои се вакцинираат на сликите воопшто не побарале асистенција или превоз од локалниот Здравствен дом во Берово. Тие одлучиле самите да дојдат на вакцинација до пунктот и се појавиле на местото, вели министерот за здравство.

Тој подвлекува дека на пунктот имало санитетско возило со фрижидер за теренска вакцинација и лицата биле вакцинирани целосно безбедно, спротивно, како што вели, на тоа што сака да се прикаже во јавноста.

Филипче појасни и дека повозрасната жена од фотографијата не била во можност да се симне од тракторот, па затоа, за да не се малтретира, медицинската сестра се качила на приколката за да ѝ стави вакцина.

„Јас сметам дека тоа е гест за поздравување, а не за осуда“, заклучува Филипче.

- Реклама -