Според Филипче, неговиот имотен лист е идентичен, односно кога ќе се видел вкупниот имот се работело за иста квадратура, а единствената разлика била во начинот на пријавување
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Венко Филипче апелира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) што побрзо да го истражи случајот со имотните листови што ВМРО-ДПМНЕ неколку дена го пласира во јавноста.
Според Филипче, неговиот имотен лист е идентичен, односно кога ќе се видел вкупниот имот се работело за иста квадратура, а единствената разлика била во начинот на пријавување.
„Во претходниот имотен лист не се става, а сега има простор да се стават имотни листови како документи. Кога ќе се анализира сето тоа ќе се види дека е исто“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање за коментар за обвинувањата.
Тој додава дека е добро тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата за неговиот имот за да се утврди фактичката состојба.
Но, најави и дека ќе бара извинување од премиерот Христијан Мицкоски откако ДКСК ќе излезат со став.
„Добро е што ВМРО-ДПМНЕ даде нешто како иницијатива во институција за дефинитивно да се расчисти и откога Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го анализира случајот, а апелирам тоа да се случи што побрзо и да излезат со став и да кажат каква е фактичката ситуација, ќе барам од премиерот Мицкоски јавно да ми се извини, исто како што излезе во јавноста во текот на вчерашниот ден на интервју да ја каже таа лага,“
рече Филипче кој во Струмица присутвуваше на промоција на градскиот електричен превоз.
Вчера, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со нерегуларностите во анкетните листови од 2018 и 2024 година на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Од партијата повторно посочија дека во анкетниот лист од 2024 година Филипче навел дека поседува имот кој во 2018 година не го пријавил во анкетниот лист кога станал министер. ВМРО-ДПМНЕ ги повика институциите да истражат зошто Филипче не пријавувал имот во своите анкетни листови, а него го повикаа самиот да одговори.
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева на прес-конференција информираше дека Венко Филипче како министер за здравство во својот анкетен лист пријавил куќа од 464 метри квадратни изградена во 2017 година, како и стан од 130 метри квадратни, стекнат како подарок во 2016 година. Додека, пак, како што рече, на име заеднички имот пријавил уште еден стан во Скопје од 50 метри квадратни, стекнат со договор за купопродажба во 2010 година.