Филипче: Од вторник ќе се вакцинираат по над 10 илјади граѓани дневно

Гужвите пред одредени вакцинални пунктови се резултат на мало недоразбирање околу термините, вклучително и поради граѓани кои доаѓаат да се вакцинираат порано или подоцна од закажаниот термин, посочи денеска министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека тие сцени не очекува да се повторат, особено што веќе во понеделник ќе бидат дистрибуирани кинеските вакцини и ќе се отворат повеќе вакцинални пунктови во спортски сали во неколку градови од државата.

Имено, како што информираше Филипче, се очекува утре, во раните утрински часови, некаде околу 5 часот, во земјава да пристигнат 200.000 кинески вакцини од „Синофарм“. Најавен е и настан во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, на која ќе присуствуваат Филипче и кинескиот амбасадор во земјава – Џанг Ѕуо.

Како што истакна министерот за здравство, со овие вакцини веднаш по празниците ќе започне масовната вакцинација во спортските сали во Битола, Охрид, Куманово, Тетово, Штип и Кавадарци. Со тоа, додаде Филипче, се мултиплицира капацитетот за вакцинација.

„Мислам дека овој систем ќе овозможи и над 10 илјади граѓани дневно да се вакцинираат и воопшто да нема никакви метежи“, изјави министерот.

- Реклама -