Филипче откри кога и со која вакцина ќе се вакцинира, порача и граѓаните да не се оптоваруваат со тоа која вакцина да ја примат

Со пристигнувањето на 200-те илјади кинески вакцини, кои најдоцна во понеделник ќе бидат распределени низ големите вакцинациски центри низ државата, во овие пунктови практично ќе ги има сите вакцини – „Фајзер“, „АстраЗенека“ и сега „Синофарм“, истакна министерот за здравство Венко Филипче. Сепак, според него, нема потреба граѓаните да го ставаат акцентот на тоа со која вакцина против ковид ќе се вакцинираат.

„Нема потреба граѓаните да бираат со која вакцина ќе се вакцинираат. Сите се со еднаков квалитет, нема никаква контраиндикација. Каква вакцина има во пунктот во часовите кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните, тие можат комотно да ја примат без да бидат загрижени и да размислуваат дали повеќе има предност да се вакцинираат со една отколку со друга вакцина“, рече Филипче.

Притоа, одговарајќи на новинарско прашање, министерот откри кога и со која вакцина ќе се вакцинира тој, потврдувајќи дека и тој самиот нема да пребира околу брендот. Како што рече, тоа би можело да се случи во текот на следнава недела, токму со вакцината на „Синофарм“.

„Би сакал да дадам пример и да ги уверам граѓаните дека е вакцината е безбедна. Мислам дека е соодветно да се вакцинирам со кинеската вакцина, заради тоа што таа сега е во најголема бројка на граѓаните, така да може да го организираме тоа и оваа недела која следи“, рече Филипче.

Во однос на достапните брендови вакцини, Филипче најави дека во текот на мај ќе пристигнат уште 100.000 вакцини од кинеската „Синофарм“ – донација од кинеското Министерство за одбрана, како и 500.000 од кинеската „Синовак“ и 26.000 вакцини преку директниот договор со „Фајзер“.

Филипче посочи дека сѐ уште нема точен датум и количина за испораката на руските вакцини „Спутник В“, а сѐ понеизвесна е, додаде, и испораката на дополнителните количини на „Астра Зенека“ преку КОВАКС системот, поради сериозната епидемиолошка слика во Индија и забраната за извоз на вакцините од овој производител. Сепак, министерот не очекува тоа сериозно да се одрази врз ревакцинацијата на 24.000 наши граѓани кои во април беа вакцинирани токму со „Астра Зенека“; Имено, тој изрази надеж дека дозите за ревакцинација ќе пристигнат на време, а доколку не, постои и можноста овие вакцини да се набават од Србија, за граѓаните да се вакцинираат овде во Македонија.

- Реклама -