Филипче: Предлагаме цените во приватните болници да се движат од 650 до 5.000 евра, пратениците да го поддржат предлогот

„Денеска на седница на Влада е Законот за здравствена заштита, со чии измени предлагаме цените во приватните болници да бидат изедначени со референтните цени утврдени од Фондот за здравствено осигурување. Со измените во Законот, дијагонстицирање и лекување на ковид пациенти предлагаме да се движи од 40.000 до 305.000 денари“, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Како што објасни тој, државата, освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку Фондот за здравствено осигурување, може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од Ковид-19.

„Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид пациенти во приватните болници“, порача Филипче.

Во време на пандемија, потенцира тој, од клучна важност е пратениците да го изгласаат ова законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат, како што вели министерот, финансиски издржливи за сите граѓани.

- Реклама -