Филипче за писмото во кое ја ослободува „Синофарм“ од одговорност: Тоа е пракса за сите вакцини, одговорност носи Министерството

На денешната прес-конференција, покрај обвинувањата за наводни нерегуларности и обид за набавка на вакцините од кинеската „Синофарм“ преку фантом фирма од Хонгконг, министерот за здравство Венко Филипче, го адресираше и моментот околу одговорноста во случај на несакани дејства од вакцината.

Прес-конференцијата следуваше откако покрај вчерашниот напис, италијанскиот „Ла Верита“ денеска уште еднаш пишуваше на оваа тема, објавувајќи две писма кои Филипче, преку кинеската фирма посредник („Старби интернејшнл“), ги испратил до „Синофарм“. И додека во првото писмо власта, односно министерството за здравство едноставно изразуваат интерес за кинеската вакцина, во второто писмо, кое според „Ла Верита“ е многу поспорно, Филипче на „Синофарм“ ѝ нуди изземање од одговорност.

„Со цел да се избегнат било какви клинички последици, изјавуваме дека било какви проблеми кои би можеле да се појават кај корисниците на вакцината ќе бидат на целосна одговорност на нашата држава и нема да има никаква врска со производствените единици на Кина нешнл биотек груп“, пишува во него.

Според министерот за здравство, и овде нема ништо спорно.

„Во делот на одговорностите за вакцините, тоа е нешто што важи буквално за разговорите и преговорите со сите компании. Тоа е обврска на Министерството за здравство и тоа ние го превземаме за буквално сите вакцини и сите производители. Зошто? Затоа што Министерството за здравство е одговорно, преку својата програма за имунизација, за секој дел од овие потенцијални несакани ефекти, наречени liabilities, и тоа се однесува на буквално секоја вакцина којашто влегува во земјата“, истакна Филипче на прес-конференцијата.

„Тоа е пракса за буквално сите договори за коишто ние сега преговараме. И ги разбираме производителите зошто е тоа нивно барање. Ние сме свесни дека со тоа земаме голема одговорност, меѓутоа исто така сме свесни дека ние тоа треба да го направиме, затоа што во прашање е здравјето на нашите граѓани. И свесно ја земаме таа одговорност, не само за оваа, туку за буквално сите вакцини кои ќе дојдат во земјава“, додаде тој, одговарајќи на новинарско прашање.

- Реклама -