Филипче за вакцините од Кина: Ако имаше нерегуларности, ќе имаше и финансиска штета, а немаше средствата да бидат вратени

„Владата и Министерството за здравство, од почеток на овој процес за набавка на вакцини, интензивно комуницира со голем број на компании производители, со цел да таа набавка се случи што поскоро. Притоа, имаме два принципи, како и секогаш кога станува збор за вакви набавки, а тоа се внимателност и регуларност. И во таа смисла, апсолутно ги отфрлам сите обвинувања коишто овие денови ги имаше во дел од медиумите – дека станува збор за некакви нерегуларни, незаконски постапки, дека станува збор за некакви провизии“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, на прес-конференција по повод објавите за наводен обид преку набавката на вакцини, преку наводно фантомски кинески фирми, да се дојде до провизии.

„Жал ми е што сето тоа излезе во медиуми коишто се блиски до опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, нивните сајтови. Тоа што излезе во италијанскиот медиум, исто така близок до нив – ‘Ла Верита’, се документи коишто ние сме ги испратиле до навистина многу компании, со цел да добиеме што повеќе информации за можностите за набавка на вакцините. И во таа смисла и оваа конкретна, за 200 илјади кинески вакцини од компанијата ‘Синофарм’ се прави по истите принципи на внимателност“, рече Филипче во однос на двете писма што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, а министерот ги испратил до производителот на кинеската вакцина „Синофарм“, преку компанија од Хонгконг по име „Старби интернејшнл“.

Министерот за здравство објасни и како се одвивале обидите за набавка:

„После иницијалните обиди да направиме директен контакт со фабриката, бидејќи не успеавме, побаравме помош од некои наши кинески компании активни тука во земјава, како ‘Пауер Чајна’ и ‘Синохидро’, кои ни укажаа на некои компании коишто можат да нѐ спојат. И тоа даде резултат. За време на тие разговори, а во меѓувреме беше потпишан и договор, се вклучи и нашата амбасада во Кина, којашто за тоа го извести и тамошното МНР, од кое ни укажаа дека тоа не е патот по којшто треба да одиме и дека треба да го следиме оној регуларен пат којшто на почеток се обидовме, но за жал немаше резултати. И заради тоа, сакајќи целата постапка да ја забрзаме, најдовме еден алтернативен начин“.

Не станува збор за апсолутно ништо незаконски, за ништо нерегуларно, не станува збор за некакви провизии или за било што за што овие денови нѐ обвинува опозицијата, потенцира Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот порача дека доколку би имало манипулација, би имало и финансиска штета, а во случајов такво нешто нема.

„Сигурно дека станува збор за компании коишто нѐ увериле дека можат да стигнат до вакцините. И ние стигнавме до вакцините, меѓутоа пораката од кинеското МНР беше дека ние треба да следиме некој друг пат коишто тие ќе ни го сугерираат, што ние го испочитувавме. И во таа смисла, буквално нема ништо сомнително. Гледајте како е борба насекаде во светот да се стигне до вакцините. Значи, за какви провизии ние сме тука обвинети, за какви фантомски фирми, кога средствата се вратени. Значи не станува збор за буквално никаква манипулација, едноставно ги следиме насоките од кинеското МНР. Кога не би имало простор за верба, кога би имало некаков простор за манипулација, сигурно дека би имало и некоја финансиска штета, што сега тоа го нема“, се бранеше Филипче.

На крајот на својата изјава, тој заслугите за целата фама ѝ ги препиша на опозицијата, обвинувајќи ги за поткопување на процесот на имунизација, во име на политички бенефит.

„Така што, ги осудувам сите овие обиди да се фрли дамка на овој процес во една ваква чувствителна ситуација, кога вакцинацијата во нашата земја навистина треба да продолжи. Сметам дека со ова опозицијата се обидува да го наруши угледот, да го компромитира процесот и со тоа да го загрози. Сметам дека со ова некој сака да има политички бенефит, да поентира, а цената да биде здравјето на нашите граѓани“, рече Филипче.

- Реклама -