Филипче закажа прес, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Ковид-19 не се лечи со евтин ПР

Денеска со почеток во 14:30 часот, прес-конференција ќе одржи министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, информира владината прес-служба.

Прес-конференцијата на Филипче е закажана откако само во последните шест дена дури четири пати беа регистрирани над 225 новозаразени во 24 часа, од кои на двапати беше соборен досегашниот негативен рекорд од почетокот на пандемијата – на 3 октомври со 243 новодијагностицирани и вчера, 7 октомври, со дури 317 детектирани нови случаи на Ковид-19 во 24 часа.

По најавата за прес-конференцијата на Филипче, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ:

„Заради неспособноста на Заев и Филипче, само во текот на вчерашниот ден имавме 317 новозаболени од корона вирусот. Македонија тоне, а народот е во страв, затоа што власта на време не си ја заврши работата и не го организира општеството. Корона вирусот во Македонија е континуирано присутен од кризата до денес, а што е единствено вина на Заев и Филипче, кои несериозно се справуваат со вирусот“, обвинуваат тие.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

„Дополнително загрижува фактот што се ближиме кон сезоната на грип, болниците по обичај ќе бидат преполни, а нема ниту вакцини против грип. Поради неспособноста на Заев и Филипче ќе имаме општ хаос во болниците низ државата. Ако сега имаме над 300 заболени на ден, колку треба да очекуваме за месец или месец и половина од сега?! Што треба да се случи за Заев и Филипче да сфатат дека корона вирусот е сериозна опасност и дека тој не се лекува со прес конференции и евтин ПР?! Тоа можеби носи поен плус на нивното политичко конто, но никако не носи сигурност за граѓаните“, порачуваат од опозицијата.

- Реклама -