Филипче: Знам дека ковид ви е преку глава, но нема да дозволам преоптоварување на здравствениот систем

„Со денешната повторна висока бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран. Иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки“, се обрати министерот за здравство – Венко Филипче, вчера на Фејсбук, откако беа регистрирани 225 нови случаи на коронавирус во 24 часа. Пораките што Филипче ги испрати, меѓутоа, делуваат уште посоодветни денес, кога со 317 новодијагностицирани, Македонија забележа убедливо највисок дневен пораст од почетокот на пандемијата.

„Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот“, порача Филипче. „Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести даде сѐ од себе изминатиот период да подготви протоколи, да го реорганизира системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период.

Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор. Рестрикции и мерки ќе носиме секогаш кога ќе процениме дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје. Тоа е наша одговорност и должност“, категоричен е Филипче.

Тој истакна дека мерките и рестрикциите не се никаков хир:

„Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние кои доследно ги почитуваат постоечките мерки кои се на сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат. За многумина препораките за одржување дистанца, носење маска и редовна дезинфекција се доволни мерки. Во оваа прилика сакам да им изразам голема благодарност и да им честитам на свесноста и совесноста. За жал, новите мерки кои ги носиме мора да се однесуваат за сите и едноставно не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три.

Како Влада силно се заложуваме за спроведување на мерките и казнување на оние кои не ги почитуваат. Од денес веќе и инспекциите имаат поголеми надлежности и тие максимално посветено ја работат својата работа. Верувам дека надлежните ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани.

Сепак, ќе повторам нешто во што силно верувам од самиот почеток. Ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании. Затоа, уште еднаш апелирам, да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно. Заедно да го надминеме следниот период преку почитување на мерките без исклучок. Ви благодарам“, порача министерот во обраќањето.

- Реклама -