Фин ден на работа: Пилотка им ги спасила животите на 261 патници

30 метри фалеле да се случи трагедија на небото над Мумбај во Индија кога на 7 февруари авионот на авиокомпанијата Vistara летал опасно блиску до авионот на Air India. Airbus-от A320neo на Vistara полетал од Делхи кон градот Пуне со 152 патници, додека Airbus-от A319 на Air India носел 109 патници од Мумбај до Бопал.

Во текот на летот пилотот на авионот на Vistara заминал до тоалет, а во пилотската кабина останала неговата копилотка и една од стјуардесите (според правилата на меѓународната авијација, во кабината во секој момент мора да има барем два члена на екипажот). Зад кормилото на Air India пак седела пилотката Анупама Кохли.

Трагедијата ќе се случела кога некаде над Мумбај, локалната контрола на летање му дала инструкции на авионот на Vistara да ја намали висината и практично да се спушти на само 30 метри оддалеченост во линијата на движење на авионот на Air India. Фалеле секунди двата авиони да се судрат.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

Тоа го забележала пилотката Кохли – буквално го видела другиот авион како се доближува кон нив. Во авионот на Air India се огласил и алармот TCAS (систем за избегнување судари), а Кохли брзо реагирала и го кренала авионот на безбедна висина, избегнувајќи судир.

Подоцна се утврдило дека дошло до грешка во комуникацијата меѓу пилотот на Vistara и контролата на летање.

Што се однесува до пилотката, многу светски медиуми ја испофалија како да е херој, што е малку смешно – сепак тоа ѝ е работа. Меѓутоа, тоа не го менува фактот што поради неа се живи 261 луѓе. Сигурно е фино чувството.

- Реклама -