Финска – домот на сообраќајни казни и од 91.600 евра

Реима Кисла – фински бизнисмен, неодамна беше фатен да вози 104 км/ч во зона со дозволени 80 км/ч. За таков прекршок, возач во САД обично би платил казна од неколку стотина долари, максимум. Но, откако финската полиција го запрела Кисла, отвориле во датабазата на даночни обврзници, провериле колку му се приходите, го консултирале правилникот, и му одредиле казна од 54.000 евра.

Казната е толку екстремна затоа што во Финска одредени сообраќајни прекршоци, како и некои други, се проценуваат врз основа на приходите на казнетиот; а Кисла имал пријавен приход од 6.5 милион евра годишно.

Високите казни како оваа се доста ретки, ама не е прв пат да се случи. Во 2002 година, извршител на Nokia беше казнет со ~91.600 евра, за возење мотор со брзина од ~70 км/ч во зона со дозволени 50 км/ч. Хокеарот Teemu Selanne беше казнет со 39.000 евра две години претходно.

„Ова не е држава водена од уставот“, се жалеше еден Финец кој беше казнет со скоро 45.000 евра. „Ова е земја на носорози!“, рече тој, алудирајќи на тоа дека во Финска се оди „на сафари“ против богатите. А кога богатите почнуваат да се жалат со вака креативни критики, тоа е добар знак дека нешто е фер, за промена.

Финскиот систем на одредување на казните е релативно едноставен: Почнува со проценка на сумата пари што Финецот ја има на располагање дневно. Таа сума се дели на половина, а таа половина се смета за разумна количина пари од која треба да биде лишен прекршителот, на дневна основа. Потоа, во зависност од големината на прекршокот/криминалот, системот пропишува правила за тоа колку денови прекршителот треба да помине без таа сума. На пример, возење со 25 километри над дозволеното ти заработува „помножувач“ од 12 дена. Возење со 40 км/ч над дозволеното, ти носи помножувач од 22 дена.

Повеќето невнимателни возачи плаќаат меѓу 30 и 50 евра на ден, со вкупна казна од 400 до 500 евра. Максималниот помножувач е 120 дена, ама на самата казна нема горна граница – казната се одредува како константна пропорција од тоа колку заработуваш, и не е важно дали крајната сума ќе излезе 80.000 или 800.000 евра.

Казната на Кисла.

Казните базирани на приход внесуваат доза на „фер“ во легалните системи кои одамна се покажаа дека се понаклонети против сиромашните. А и логични се, бидејќи за разлика од рамномерните казни, всушност можат да ги натераат богатите да не го прекршуваат законот – на крајот од денот, докажано е дека токму богатите се тие кои почесто возат опасно од тие кои заработуваат помалку. Земете го за пример Стив Џобс – човекот обожаваше да паркира на паркинг места за хендикепирани лица, а и да вози наоколу без таблици.

Шведска, Данска, Германија, Австрија, Франција и Швајцарија исто така имаат скалести „дневни“ казни како овие во Финска, но Финска е првата што ги воведе – во 1921 година. Сепак, идејата е многу постара. Казните, како алтернатива на директната казна со затвор или смрт во Европа биле воспоставени во 1100-тите години, и како најдобра алтернатива останале преку целиот Среден век. Монтескје бил меѓу првите што ја препознал важноста на тоа казните да зависат од богатството на казнетиот – го предложил тоа уште во 1748 година.

Финците се на страната на Монтескје. Во истражување од пред повеќе од декада, кога последен пат беше реформиран системот на дневни казни, 4 од 5 Финци го преферираа тој наместо системот со рамни казни. Пред тие реформи, на прекршителите не им беше наложено да му ги соопштат своите приходи на полицаецот, беше оставено на нив да одлучат. И денес мнозинството Финци го преферираат системот на дневни казни.

Ваков систем имаше свои проби и во Америка. Пред 30-тина години, на Стетон Ајленд беше лансирана пилот-програма за дневни казни. Првата таква е изречена во 1988 година, а околу 70% од казните во текот на следната година биле базирани на приходите. Слична програма била лансирана и во Милвоки. И во двата случаи, системот бил ефективен, но не се задржал бидејќи тогаш фокусот повеќе бил кон апсење на покрупните прекршители. Сега, во денешната клима, имајќи го во предвид проблемот со преполни затвори со кој се соочуваат многу земји, повторно почнува да се размислува за алтернативни решенија, меѓу кои и дневните казни. САД не се исклучок.

- Реклама -