Финските сеизмолози минатата недела детектирале пет експлозии во руските води на Балтичкото Море

Хелсинки, 25 октомври 2022 (МИА) – Фински сеизмолози минатата недела открија пет подводни експлозии во руските води во Балтичкото Море, соопшти денеска Сеизмолошкиот институт на Универзитетот во Хелсинки.

„Детектиравме пет експлозии, најголемата јачина од 1,8 степени (по Рихтеровата скала), а најмалата 1,3 степени“, изјави директорот на институтот Тимо Тиира.

Четири експлозии се регистрирани во четвртокот и една во петокот во руските територијални води во Финскиот Залив, рече тој, додавајќи дека е јасно дека станува збор за експлозии, а не за сеизмичка активност. Не е познато која била причината, но слични експлозии биле откриени и при претходните поморски вежби и чистење на стари мини од морското дно, рече тој.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

„И претходно сме откривале експлозии во истата област, но не многу често, и не секоја година“, потенцираше Тиира.

Руското Министерство за одбрана засега нема коментар.

- Реклама -