Фон дер Лајен: Почитувани Македонци, нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа

„Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа. Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање денеска пред пратениците во Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница.

Предлогот, нагласи Фон дер Лајен, го почитува исто така и нашиот национален идентитет.

„Принципот на самоидентификација е особено важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека ќе осигурам процесот за пристапување строго да ги почитува европските принципи и стандарди“, нагласи Фон Дер Лајен.

Добрососедските односи и меѓународната соработка, рече Фон дер Лајен, се дел од ДНК-та на европската интеграција.

„Дозволете да ве уверам уште еднаш. Билатералните прашања, како што е толкувањето на историјата, не се услов во пристапните преговори“, рече Фон дер Лајен.

„Некои велат, би било подобро да се чека подобар договор од тој што го претстави Франција и секако дека тоа е ваше право да го направите. Но, размислете колку упорно се обидувавме да стигнеме до овде преку последователни претседателства Германија, Португалија, Словенија и сега Франција. Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност“, додаде таа.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Со отворањето на оваа врата, според Фон дер Лајен, сега Северна Македонија се зајакнува себеси со тоа што е во преговарачкиот процес наместо надвор од преговарачкиот процес.

„Бидете уверени дека Комисијата секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна, продолжува да го прави тоа и да стои на ваша страна и ќе продолжи да биде таму со вас и утре, и задутре, и во сите денови коишто доаѓаат. Убедени сме дека ова е од историско значење, но одлуката е ваша и само ваша. На крајот на краиштата, станува збор за патот што вие го избравте. Како што го избравте и претходно со Охридскиот рамковен договор, со Договорот од Преспа, со градењето на вашата енергична демократија“, изјави Фон дер Лајен.

Извор: МИА

- Реклама -