Фон дер Лајен утре во Скопје, ќе ја пречека премиерот Ковачевски

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, утре од Скопје ја започнува турнејата низ земјите од Западен Балкан, чија цел, како што велат од Брисел, е да се потврди посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот.

Како што соопштија од Владата, Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Димитар Ковачевски и министри на платото пред Владата, утре (среда) со почеток во 17:50 часот. Во делегацијата од македонска страна се и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, и министерот за економија Крешник Бектеши.

Поради посетата на шефицата на ЕК, МВР за утре и задутре најави посебен сообраќаен режим во поширокото централно подрачје на град Скопје. Од Министерството апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Како што изјави попладнево портпаролот на ЕК – Ерик Мамер, посетата/турата на Фон дер Лајен е во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта е да му се пренесе на регионот дека е важен за ЕУ.

„Оваа посета, се разбира, се одвива во посебен контекст, кој е контекст на последователни кризи, прво ковид, а сега војната во Украина и нејзините последици“, додаде Мамер.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

Фон дер Лајен, минатата недела од Стразбур, најави дека еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување на енергенси со земјите од ЕУ. Според неа, платформата има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали нивната меѓусебна конкурентност на енергетскиот пазар.

„Пораката е солидарноста на ЕУ со регионот, ангажман преку програми кои имаат за цел да се поттикнат инвестиции и волја да се продолжи да се соработува со целиот регион“, се надоврза денеска Мамер.

Во петокот, шефот на македонската дипломатија – Бујар Османи, изјави дека Фон дер Лајен во Скопје ќе го донесе „пакетот за енергетска поддршка“, оценувајќи го како „исклучително позитивна вест“.

Инаку, по престојот во Скопје, шефицата на ЕК на 27 октомври ќе замине за Приштина, а потоа и во Тирана. На 28 октомври ќе биде во Сараево и Белград (каде што се очекува, меѓу другото, да побара од Србија да се усогласи со санкциите проитв Русија), а посетата на регионот ја завршува во Подгорица на 29 октомври.

Извор: МИА

- Реклама -