Фон дер Лајен во одбрана на Борел откако изјави дека „Европа е градина а остатокот од светот главно џунгла“

По изјавите на првиот ЕУ дипломат дека Европа е „градина“, а остатокот од светот е „џунгла“, во Европската Комисија и натаму изразуваат доверба во него, јави дописничката на МИА од Брисел.

Изјавата на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, дадена минатата недела, предизвика лавина реакции, пред сѐ во земјите од глобалниот југ, но и во западни земји како Канада. Овие коментари се оценети како „колонијалистички“, па и „расистички“.

„Европа е градина. Ние изградивме градина (…), остатокот од светот не е баш градина. Најголем дел од остатокот од светот е џунгла, и џунглата би можела да ја освои градината. Градинарите треба да се грижат за неа“, рече Борел во говор пред Академијата за европски дипломати во Бриж.

Тој додаде дека „ѕидови не се доволни за да се заштити градината“ и „градинарите треба да одат во џунглата“.

И покрај овие изјави, денеска во Европската Комисија велат дека претседателка и натаму има целосна доверба во Борел и дека не се коментираат поединечните проценки на членовите на Европската Комисија.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

На прашање дали Комисија размислува да побара оставка од Борел, портпаролката Дана Спинант одговори дека процедурата за назначување и разрешување на високиот претставник за надворешна политика е комплексна и не зависи само од Комисијата, туку и од Советот на ЕУ.

Утрово во Луксембург пред почетокот на министерскиот состанок за надворешни работи на ЕУ, со кој претседава Жозеп Борел, тој само кусо рече дека се чувствува многу добро по овие изјави.

Во контекст кога ЕУ и Западот не успеваат да ги убедат партнерите во Африка, Азија и Јужна Америка да воведат санкции против Русија, овие изјави можат да ја отежнат дополнително работата.

Борел исто така минатата недела изјави дека доколку Русија употреби нуклеарно оружје, нејзината војска ќе биде уништена.

МИА

- Реклама -