Во сезоната која самиот тој ја означи како период во кој ќе треба да го учи новиот автомобил и да се привикне на перформансите на своето Ферари, Игор Стефановски Иџе оствари нов голем успех во Европскиот шампионат на ридски патеки, завршувајќи прв во Групата 1 во која се натпреваруваше.
Трикратниот европски шампион овојпат не можеше да се бори за првото место во севкупниот генерален пласман, но затоа беше најдобар во својата група и уште еднаш потврди дека е вистински мајстор за тркање на ридски предели.
Традиционално, сезоната во Европскиот шампионат заврши со трката во Бузет, Хрватска, каде Иџе изминатиов викенд го освои третото место.
Иако имаше одредени проблеми, Иџе беше навистина константен со своето Ферари и освои и прво место во Германија, па сето тоа направи да има најмногу бодови во својата група, успех кој самиот реши да го сподели со цела Македонија.
– Македонија, ова е за тебе! Победник во Европскиот шампионат на ридски патеки во Група 1! Овој успех не е само мој, туку на цела Македонија! Благодарност до сите кои беа со мене низ овој пат, до мојот неверојатен тим, тимот на Ферари, до моите спонзори и до сите вас кои ни давате безрезервна подршка во сето ова, – порача Иџе.