Средбата меѓу шефовите на двете држави, како што пренесе БГНЕС, почнала нешто пред 15 часот по локално време, а по неа не се предвидени изјави
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова попладнево пристигна во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев во Софија. Пред претседателската вила на „Дондуков“ 2 ја пречека лично Радев.
Во областа околу вилата има засилено полициско присуство, јавуваат бугарските медиуми.
Средбата меѓу шефовите на двете држави, како што пренесе БГНЕС, почнала нешто пред 15 часот по локално време, а по неа не се предвидени изјави.
Сиљановска-Давкова е во посета на Бугарија по повод изведба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди во изведба на Националната опера и балет (НОБ) во Софиската опера и балет. Подоцна беше најавена и средбата со претседателот на Бугарија, Румен Радев. Во македонската делегација заедно со претседателката се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Патувањето на претседателката заедно со Националната опера и балет доаѓа откако таа во мај во Скопје присуствуваше на 52. издание на Мајските оперски вечери, на изведбата на „Валкира“ од Софиската опера и балет.
Пред заедничката средба, бугарскиот претседател изјави дека Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Северна Македонија. Додаде и дека од земјава очекува исполнување на сите обврски што ги презела кон Бугарија и кон Европската Унија, со што, како што рече, ќе можеме целосно да ги градиме нашите заемни односи.