(ФОТО+ВИДЕО) Циклонот „Борис“ предизвика големи поплави во повеќе земји во Централна Европа

Најтешко погодени се Чешка, Полска и Австрија, каде во главниот град Виена се излеа реката Дунав. Невремето одзема и неколку човечки животи во Романија, Австрија и Полска

Поплавени градови, патишта и уништена инфраструктура се резултатот од силното невреме кое денеска ја зафати Централна Европа. Циклонот „Борис“ донесе обилни дождови и силни ветришта, предизвикувајќи поплави низ Чешка, Австрија, Полска, Словачка и Романија. Населението во најзагрозените држави се евакуираат, а досега билансот на загинати лица достигна седум – дури пет лица загинаа во Романија и по едно во Полска и Австрија.

„Осумдесет проценти од прогнозираниот дожд веќе наврна, но најлошото се уште не е зад нас. Ситуацијата е навистина опасна, не смее да се потцени. Има луѓе кои одбиваат да се евакуираат. Ги молам сите да не ризикуваат, да не се плови по реките и да не се прават други луди работи“,

порача чешкиот премиер Петр Фијала.

Чешкиот премиер заедно со премиерот на Полска, Доналд Туск апелираа граѓаните кои се наоѓаат во најкритичните делови на земјите да не ги одбиваат евакуација, оти ситуацијата е драматична и се очеква да продолжи и во текот на утрешниот ден.

Речиси во сите погодени земји има поплавени куќи, брани над кои се прелева вода и уништени мостови и куќи. Во полскиот град Глухолаз надојдената река однела два моста.

Под вода е и главниот град на Австрија, Виена каде во централното градско подрачје се излеа реката Дунав. Поплавени се пешачки и велосипедски патеки, а под вода се терасите на рестораните кои се наоѓаат на брегот на реката. Во предградието Пензинг, северозападно од Виена, реката на некои места се излеа од коритото. Локалното население е евакуирано, додека пак улиците и подземните паркизи се под вода. Во три области на Виена прекинато е снабдувањето со електрична енергија, а привремено не функционираат и две линии на а метрото.

Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

- Реклама -