Франција чува вино на морското дно

Пред две години, асоцијацијата на француските винопроизводители „фрли“ 120 шишиња црвено, бело и розе вино на тајна локација во Средоземното море. Се работеше за експеримент со кој сакаа да проверат дали морското дно го старее виното подобро отколку традиционалните винарски визби.

Од Les vins de Bandol (асоцијацијата) рекоа дека за експериментот биле инспирирани од откритието на амфора која потонала на дното на морето некаде пред стотици, дури и илјадници години (ѕирнете го најстарото најдено неотворено вино). Но тоа што вистински ги мотивирало е откритието на недопрени вински шишиња стари неколку декади, изгубени во морето за време на Втората светска војна. По анализата на експертите, се покажа дека содржината во овие шишиња има посебен вкус. Посебно добар вкус.

Во теорија морското дно – поточно 40 метри длабочина, звучи како одлично место за чување и стареење на виното, но сепак, на винопроизводителите им беше потребен доказ дека ваквиот метод вродува со подобар вкус. И така 120 шишиња завршија во Медиранот, со план да бидат пробани една година подоцна. Во исто време, други 120 шишиња беа ставени во традиционална визба, за да служат како контролна група.

„Сите типови вина можат да бидат потопени, со екстремно позитивни долгорочни ефекти“, вели Philippe Faur-Brac – вински експерт кој во 1992 година ја доби титулата „најдобар сомелие на светот“. Тој потсетува дека сличен експеримент се правел и пред 20 години, кога шишиња вино од Noirmoutier (остров крај атлантскиот брег на Франција) биле ставени на чување во фарма со остриги на неколку месеци, и развиле исклучителна комплексност на вкусот.

Faur-Brac тврди дека морското дно ги има сите идеални услови за чување вино. На 40 метри под вода допира многу малку светлина, нема воздух, температурата е релативно ниска, и најважно – константна е преку целата година.

Прочитајте и:  „Бела Вода“ на „Tikveš Château & Domaines“ прогласено за најдобро вино од земјава на Open Balkan Wine Trophy Competition во Белград

За да го изведат експериментот, Les vins de Bandol соработуваа со нуркачи од Националната француска школа за нуркање. Шишињата беа потопени во контејнер налик на пчелино саќе, поставен во голем куфер за долгорочна презервација. Локацијата се чуваше во тајност за да се избегнат љубопитните „пирати“, особено тие со посебна љубов кон виното.

Минатата есен конечно дојде времето за проба на потопените вина. За првичната проценка на подводните вина беше ангажиран цел комитет од вински експерти. Врвниот сомелие Жизел Маргин рече дека виното остава добар вкус во устата, „има добро тело“ (што и да значи тоа), со шмек на црни бобинки па дури и чоколадо. Сепак, таа оцени дека „секундарните ароми не се целосно развиени“ и заклучи дека на виното му е потребно повеќе време да го достигне својот полн потенцијал.

Па така, експериментите продолжуваат. Но не само од страна на оваа винарска асоцијација. Уште неколку големи винопроизводители од Франција спроведуваат свои експерименти. Сега за сега резултатите ги чуваат во тајност и се строго доверливи. Следејќи го нивниот пример, интерес пројавија и производителите на рум и коњаци.

Со еден збор, Средоземното море и Атлантскиот океан околу Франција се полни со редок алкохол. Но шансите дека ќе налетате на такво ковчеже со богатство се многу мали. Да купите вакво вино се уште помали, бидејќи овие производи сé уште не се ставени на продажба. А и кога ќе бидат, со оглед на големите трошоци на винопроизводителите (особено околу користењето на професионални нуркачи и тие околу подводната безбедност), овие вина ќе бидат екстра ретки и сигурно екстремно скапи. Така што, може и се исплати човек да фати да нурка.

- Реклама -