Европската Унија мора да престане да им дава лажни ветувања за земјите кандидати за членство и да се фокусира на постојните членки, бидејќи проширувањето не нуди реални шанси за зајакнување на позицијата на ЕУ на меѓународно ниво, изјави француската европратеничка и копретседателка на групацијата Левица во Европарламентот, Манон Обри.
„Наместо да им даваме лажни и нереални ветувања за членство на земјите кандидати, да ја зајакнеме нашата соработка со соседите на ЕУ“, изјави Обри во интервју за „Еурактив“.
Според неа, реалноста во Украина и Молдавија, за кои Европската комисија предложи старт на преговорите за членство, не е онаква каква што сака да ја прикаже ЕУ.
„Проширувањето нема да ја зајакне позицијата на ЕУ на меѓународната сцена, особено ако нема усогласеност околу социјалните, фискалните и еколошките стандарди“, потенцира Обри, која е членка на левичарската партија Непокорна Франција (ЛФИ).
Таа ги обвини Европската народна партија (ЕПП), либералната Да ја обновиме Европа (РЕ) и десничарските политички групации во Европарламентот за двојни стандарди кога се во прашање Украина и конфликтот на Блискиот Исток.
„ЕУ оправдано усвои 11 пакети санкции против Русија, но либералите, десницата и екстремната десница одбиваат да повикаат на прекин на огнот во Газа“, изјави Обри, оценувајќи дека со ваквиот став ЕУ де факто му дава бланко чек на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „да продолжи да врши воени злосторства“.
МИА