Фросина Ременски се кандидираше за претседател на СДСМ

Поранешната пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, денеска ја достави својата кандидатура за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Пред седиштето на СДСМ, во изјава за медиумите таа наведе дека согласно правилникот и одлуките на Централниот одбор на СДСМ денеска ги предала сите документи за самокандидарање за претседателка на партијата.

„Очекувам, откако ќе бидат утврдени кандидатите за таа функција, дека ќе почнат активностите за промоција и претставување на кандидатите за претседател на СДСМ“, изјави поранешната потпретседателка на партијата.

Образложувајќи ја кандидатурата, таа истакна дека цел и мотив за истата се досегашните општествено-политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки.

Воедно, Ременски посочи дека денешниот ден има и симболика во нејзината кандидатура, бидејќи ја поднесува во време на 16-дневниот женски активизам против насилството врз жените.

„Сакам и преку кандидатурата да бидам пример и да ги охрабрам сите жени кои се или не се на фунција, да не се откажуваат од своите соништа и натаму да се борат без оглед на сè и ги охрабрувам социјалдемократките да ја поддржат мојата кандитура“, изјави Ременски.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Коментирајќи ја кандидатурата на заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски за лидерската позиција во СДСМ, таа рече дека е разбирливо Ковачевски како член на Владата да ја има поддршката, но не мисли дека оваа борба би била на спротивставени идеи, туку борба на умови.

„Секој кандидат кој влегува во натпревар за претседател на партијата се надева на победа. Сметам дека ќе добијам поддршка и дека ќе постигнам солиден резултат“, изјави Ременски и додаде дека нејзината визија за СДСМ во следните пет години е победник во сите процеси пред кои што е исправен.

МИА

- Реклама -