Габриел не рече дека има нови услови покрај уставните измени, јасна е преговарачката рамка – вели Ковачевски

„Имаме јасна преговарачка рамка, не е кажано дека има нови услови покрај уставните измени“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел – дека услов за продолжување на европскиот пат на државава не се само уставните измени, туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.

„Таа не кажа дека има нови услови. Ние имаме многу јасна преговарачка рамка. Таа рамка има обврски за Европската Унија и за Северна Македонија. Ние, во Брисел, на последниот Самит на Западен Балкан со ЕУ и на последниот Европски совет, имавме најјасен заклучок досега од добивањето на кандидатскиот статус со ЕУ. Во параграфот стоеше, Република Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот“, рече премиерот на новинарско прашање.

Останува, нагласи тој, државата да ја исполни својата обврска за спроведување на амандманите на Уставот и веднаш без одлагање да биде закажана втората меѓувладина конференција.

„Благодарение на тоа што истите политички партии што го блокираа влегувањето во НАТО и го блокираат почнувањето преговори со ЕУ скоро две децении, не поддржаа одлука за европска интеграција на државата, ние имавме празен гол, пенал, и заради тоа Република Северна Македонија воопшто не шутираше, во фудбалски жаргон. Сметам дека таков чист параграф во однос на заклучоците на ЕУ никогаш Северна Македонија досега немала“, подвлече тој.

Што се однесува до другите аспекти на односите со Бугарија, рече Ковачевски, тие се однесуваат на Договорот за добрососедство и се на билатерално ниво, и за тоа постојат меѓуресорски комисии и експертски комисии што работат на тие аспекти.

„Меѓутоа, преговарачката рамка се однесува на поглавјата, ние го завршивме скринингот исклучително успешно и преговорите се водат по тие поглавја. Погледнете ги заклучоците, таму многу јасно што стои што Македонија треба да направи, за да веднаш, без никакво одлагање и дополнително закажување, биде свикана втората меѓувладина конференција. Сето друго е дневна политика што никому не оди во прилог, освен на оние што не сакаат да ја видат земјата интегрирана во Европската Унија“, заклучи Ковачевски.

- Реклама -