Галетановски од штабот на Пендаровски: Не сум ја навредил Силјановска, но треба повеќе да внимава на гафовите

На денешната прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ и портпаролот Наум Стоилковски побараа од тимот на Стево Пендаровски да биде избркан Ѓорѓи Галетановски „Чомбе“, поради јавна навреда кон противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

Имено, Галетановски, кој е одговорен за централниот штаб на Пендаровски во Скопје (а од лани и директор на Скопската зоолошка градина, поставен од Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов), го споделил видеото со гафот на Силјановска околу потеклото на нејзината свекрва, а потоа, надоврзувајќи се на коментар, искоментирал дека „логички во Бардовци треба да оди“, мислејќи на Силјановска.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој коментар на Галетановски предизвикал и низа други навредливи коментари на Фесјбук, но и останатите друштвени мрежи, со што се омаловажува Силјановска и се дискредитира нејзината личност.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и дека на ТВ дуелот на „Сител“, Пендаровски негираше дека било кој од неговиот тим ја навредувал Силјановска, но вети и дека во случај да има таков, и да му бидат приложени докази, тој веднаш ќе го избрка, бидејќи „тоа е нечесно и неџентлменски“ и не сака да има такви луѓе во својот тим.

Галетановски, пак, демантира дека лично, со име и презиме, ја навредил Силјановска и ѝ порача да биде „посконцентрирана“ и „подецидна во говорот“, бидејќи како претседателски кандидат не ѝ доликува секојдневно да има нов гаф. Изјавата прочитајте ја на „Макфакс“.

- Реклама -