Гаши: Компромис е можен, но прво да завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците

„Откако ќе завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците ќе разговараме за останување или напуштање на владината коалиција. Ние сме за компромис и околу распределбата на ресорите“, изјави лидерот на Алтернатива – Африм Гаши, на паузата од состанокот со членството во Гостивар.

Гаши напомена дека партиските органи ќе одлучат за останување или излегување од владата. Доколку Алијанса биде владин партнер и Алтернатива остане, според Гаши, има начини и канали за комуникација и соработка, бидејќи, како што нагласи, Алтернатива е кооперативна партија.

Во врска со шпекулациите дека има условувања за останување или напуштање на Владата, на прашање на МИА да даде оценка или партиски став, лидерот на Алтернатива вели дека како партија се исправени пред тој предизвик, но, како што рече, за жал или за среќа ќе почекаат да видат како Алијанса за Албанците ќе ги води преговорите со СДСМ за влез во Влада.

„Доколку се постигне договор помеѓу нив, ние ќе погледнеме дали е чепнат и дали тоа го засега нашиот договор за влез во Владата“, истакна Гаши.

Од позиција на прв човек на партијата, тој нагласува дека Алтернатива засега нема црвени линии за коалициските партнери и дека е подготвена на компромис за отстапување на некои министерски позиции.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

Партиското раководство на Алтернатива вечерва има состанок на кој меѓу другото се разговара и за натамошните чекори кои би се презеле при евентуален влез на Алијансата за Албанците во Владата.

Тој потсети дека нивното придружување во владината коалиција било поставено на два главни столбови: политичкиот договор од девет точки и преземање на одговорности и функциите кои требаше да ги преземат.

Појасни дека на овие состаноци со членството ги дискутираат можните импликации од останување или напуштање на коалициската Влада.

Гаши напомена дека во моментов нема никаква понуда за која би се разговарало во партијата за се донесе заклучок и да се разговара со идните коалициски партнери.

Прашан зошто денеска го одбраа Гостивар и дали тоа има некоја посебна порака, Гаши истакна дека ова се редовни партиски активности преку кои потесното раководство е во контакт со членството и ограноците и не се во корелација со актуелните политички збиднувања. Минатата недела, рече, биле во Тетово, оваа недела се во Гостивар, за наредната ќе се договореле.

Извор: МИА

- Реклама -