Во оваа смисла, собранискиот спикер и бугарскиот амбасадор нагласиле дека треба да се најде форма на разбирање и дијалог за градење добрососедски односи меѓу двете земји
Минатото не може да се смени, но иднината може, и тоа ќе се постигне со позитивна волја и добри намери – заклучиле собранискиот спикер Африм Гаши и новоименуваниот амбасадор на Бугарија во земјава, Жељазко Радуков, на денешната средба во Собранието. Во оваа смисла нагласиле дека треба да се најде форма на разбирање и дијалог за градење добрососедски односи меѓу С Македонија и Бугарија.
Средбата на Радуков и Гаши, како што се наведува во соопштението испратено од собраниската прес-служба, испраќа пораки за продлабочување на соработката, како и подготвеност за отворен разговор и приближување на народите. Во овој контекст била нагласена важноста на инфраструктурната поврзаност и фокус на Коридорот 8.
„Во однос на парламентарната соработка, се очекува продолжување и динамизирање на истата преку парламентарните комисии и пратенички групи, но и на повисоко ниво, со заемни посети. Треба да се најде форма на разбирање, на дијалог за градење добрососедски односи, бидејќи минатото не може да се смени, но иднината може, и тоа ќе се постигне со позитивна волја и добри намери. Членството во ЕУ ќе биде добро не само за нашата земја, туку и за Бугарија и за целиот регион“,
се вели во соопштението од Собранието испратено по средбата Гаши-Радуков.
Инаку, новоназначениот бугарски амбасадор Жељазко Радуков деновиве е во фокусот на јавноста откако ја одби протестната нота од македонското МНР поради отсуството на македонското знаме на неодамнешната средба на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев во Софија.